Во хит-парче на највисоко ниво: Тамара во пижама креација кај Заев


Поп-ѕвездата Тамара Тодевска со модерна и уникатна тоалета во смарагднозелена боја на Ношпал ја освои Европа на Евросонг во Тел Авив.

Денес, во необична креација која наликува на пижами беше на гости  во Владата. Со евровизискиот тим ги прими премиерот Заев кој во свое име, во име на Владата и на граѓаните ѝм се заблагодари за, како што посочи, гордоста што им ја приредија на граѓаните со настапот со песната „Горда“ (Proud) и освоеното седмо место, најдобар пласман на Македонија досега на музичкиот настан .

Во време кога креациите како пижами се хит број еден во светот, Тамара, или нејзиниот стилист, точно знаат како да го пратат овој светски тренд што го освои Холивуд и регионот.

Иако се удобни, овие парчиња облека не се едноставни за носење. Најмалку не толку колку што би очекувале. Вие ризикувате да го носите со прекумерна галантерија или да го носите премногу случајно. Од вас зависи дали ќе ги носите секој ден на сеир кафе, во специјална прилика, на коктел, на црвен килим, или во прошетка како актерката од „Сексот и градот“ Сара Џесика Паркер низ Менхетен.

Најдобро е да изберете машки дизајн, што е можно поедноставен. Тамара на приемот кај Заев го искомбинирала комплетот со неутрални, крем салонки, со неутрална шминка, црвен лак на ноктите, и минималистички златен накит.

Л. Сабит