Во Грција уште пет лица починаа од корона вирусот, регистрирани 33 нови случаи


Бројот на жртви од коронавирусот во Грција се зголеми на 98 лица, откако во изминатите 24 часа беа потврдени уште пет смртни случаи, додека пак регистрирани се уште 33 нови заразени со Ковид-19 со што, од почетокот на епидемијата, позитивни се 2.114 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Претставникот за коронавирусот во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас попладнево соопшти дека од потврдените случаи во земјата, 542 (25.6 отсто) се поврзани со патувања во странство, 819 (38.7 проценти) се контакти на веќе потврден случај, а 56.9 отсто од заразените се мажи.

Во однос на жртвите, од 98-те лица што починаа, 72 се мажи, а 26 жени на просечна возраст од 72 години. Од нив 88.8 отсто имале некој здравствен проблем и/или биле на возраст од над 70 години.

Приклучени на апарати се 76 лица.

Досега, во Грција се анализирани 42.261 примероци.