Во Грција регистрирани рекордни 1.259 нови случаи на Ковид-19, позитивна и министерката за образование


Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 1.259 нови случаи на Ковид-19, што е рекорден број новозаболени во еден ден и првпат бројката е четирицифрена, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, починати се 12 лица, 102 хоспитализирани пациенти се приклучени на апарати, додека, пак, од новите случаи, 295 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а 291 во Солун.

Од почетокот на епидемијата заразени се 32.752 лица, а регистрирани се 593 смртни случаи.

Меѓу позитивните е и министерката за образование на Грција Ники Керамеос, како што самата соопшти на нејзиниот „Твитер“ профил.

-Мојот сопруг имаше симптоми на Ковид-19 и се тестиравме двајцата. Резултатите и на двајцата се позитивни. Немам никакви симптоми и ќе бидам во изолација според упатствата на експертите, напиша Керамеос на „Твитер“.