Во Грција првпат регистрирани над 2.000 нови случаи на Ковид-19

Во Грција денеска е регистриран нов негативен рекорд на новозаразени од корона вирусот, а бројката за првпат е над 2.000 нови случаи, поконкретно 2.056 за едно деноноќие, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, починаа уште шест лица, а приклучени на апарати се 135 пациенти, седум повеќе од вчера.

Од почетокот на епидемијата, заразено е 39.251 лице, а регистрирани се 626 смртни случаи од корона вирусот.

Поради зголемениот број новозаболени, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска соопшти нови мерки, кои вечерва детално ги објасни заменик – министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас.

Како што објасни, од вторник, 3 ноември, Грција, односно 74-те региони се поделени во две зони: Зона А- жолта и зона Б –црвена.

Во првата, односно „под надзор“ се 47 региони, а останатите 27 се во црвената со „зголемена опасност“, меѓу кои речиси цела северна Грција и Атина.

Мерките што ќе важат за цела Грција се: задолжителна маска и внатре и надвор; полициски час од полноќ до 5 часот наутро; задолжително најмалку 50 отсто работење од дома во државниот и приватниот сектор и задолжителни онлајн предавања за студентите.

Во цела Грција, остануваат отворени, продавниците за малопродажба и за храна, пазарите, фризерските салони, хотелите и училиштата и не е забрането движење меѓу регионите.

Во регионите што се во црвената фаза, од вторник се затвораат угостителските објекти, кафулињата, баровите (со исклучок на оние кои имаат достава или „за носење“), музеите, театрите, кината, забранети се секаков вид собири, забрането е одржување конференции, а дозволено е само индивидуално спортување и натпревари само во првите лиги во фудбал и кошарка, како и учеството во европските натпреварувања.

Превозните средства во сите делови на земјата ќе функционираат со 65 отсто од капацитетот, а во црвената зона, дозволени се до три лица во патнички автомобил (со исклучок на семејствата), додека пак за такси возилата е дозволен само еден патник.

Црквите и религиските објекти во црвената зона ќе останат отворени, но со максимално дозволен број до девет лица на литургија или обреди и свечености.