Во Грција пристигнаа над 83 илјади дози од вакцината на „Фајзер/БиоНТек“

Со специјален карго лет на ДХЛ, рано утрово на атинскиот аеродром пристигна првата голема пратка за Грција од 83.850 дози на вакцината на Фајзер/БиоНТек, јави дописничката на МИА од Атина.

Целиот процес на пристигнување го следеше заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, а вакцините од аеродромот беа пренесени во петте специјални простори каде што се чуваат и од каде што ќе бидат дистрибуирани во болниците.

Планирано е, постепено, до крајот на март, Грција, само од Фајзер, да добие 1.255.800 дози од вакцината.

Паралелно, со првите вакцини, односно 9.750 дози кои пристигнаа во саботата, продолжува процесот на вакцинација на медицинскиот персонал во атинските болници, додека пак денеска почнуваат да се вакцинираат здравствените лица во грчките градови Патра, Солун, Лариса и Јанина.

Генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус вчера рече дека до 16 часот, во петте болници во Атина, се вакцинирало 471 лице, а бил регистриран и еден случај на алергиска реакција, која не е сериозна и успешно била третирана.

Освен здравствените работници, се вакцинираат и членовите на грчката Влада. Вчера вакцината ја примија четворица министри, а процесот продолжува и денеска.