Во Грција предлог јавно да се објавуваат фирмите кои ги прекршуваат Ковид мерките


Во грчкиот Парламент доставен е амандман што предвидува јавно објавување на трговските имиња на компаниите и бизнисите кои ги прекршиле мерките воведени за спречување на ширењето на Ковид-19 и им била изречена соодветна казна, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно амандманот целта е „јавно и навремено информирање на потрошувачите/ граѓаните за прекршувањето на мерките кои го загрозуваат јавното здравје“, но и со конкретната одредба „да се обесхрабрат бизнисите од непочитување на соодветната законска регулатива“.

Актуелните рестрикции во Грција, пред сè, се однесуваат на угостителските објекти, кафулињата, клубовите и слично и најчесто прекршувањата на мерките се во овој сектор, а со конкретниот амандман, откако ќе добие зелено светло од пратениците, ќе можат јавно да се објавуваат трговските имиња на прекршувачите.