Во Грција очекуваат над 45°С. Аризона веќе 22 дена со температури е над 43°C

Во четвртокот избувна пожар во складиште за пропан, со експлозии на цистерни со гас, бидејќи поради топлината


Грција денеска е во максимална готовност поради топлотен бран со очекувани температури над 44 Целзиусови степени, а во исто време рекордно високите температури го горат југот на САД со очекување дека ќе ги зафати и другите делови од земјата.

До недела сите археолошки локалитети, вклучително и познатиот атински Акропол, ќе бидат затворени за посетители во најтоплиот дел од денот, соопшти Министерството за култура.

Во Грција температури до 45 Целзиусови степени

„Потребна е максимална претпазливост бидејќи тешките моменти не се завршени“, предупреди премиерот Киријакос Митотакис. „Се соочуваме со топлотен бран со можно засилување на ветерот кој од понеделник ги разгорува пожарите околу Атина“, додаде премиерот.

Во сабота во централниот дел на земјава се очекуваат температури до 45 Целзиусови степени. Според опсерваторијата во Атина, рекордната температура во градот била измерена во 2007 година и изнесувала 44,8ºC. Највисоката температура во земјата била измерена во 1997 година во Елефсинос, во близина на Атина, и била 48ºC.

„Навикнат сум на големи горештини. Така е секое лето, но оваа година имаме топлотен бран еден по друг“, вели Кристос Бојацис од Атина.

Костас Лагувардос, директор на Истражувачкиот институт за животна средина и одржлив развој при Националната опсерваторија во Атина, рече дека е загрижен поради најавите за пораст на температурите и следната недела.

„Тоа би бил топлотен бран кој би траел две недели и би бил најдолгиот досега забележан во Грција“, рече Лагувардос.

Во Аризона, 22 дена по ред е над 43ºC

Во исто време, од другата страна на Атлантикот, околу 80 милиони Американци очекуваат температури од 41ºC и повисоки овој викенд, предупреди американската Национална метеоролошка служба (NWS).

Во Феникс, во државата Аризона на југозападниот дел на САД, температурата би можела да надмине 46 степени Целзиусови.

Аризона го доживува најдолгиот топлотен бран досега и 22 дена по ред живата се искачува над 43 степени Целзиусови. Во четвртокот избувна пожар во складиште за пропан, со експлозии на цистерни со гас, бидејќи поради топлината, резервоарите со пропан се шират и стануваат вистински проектили кои испалуваат отпад до 450 метри, објасни локалниот пожарникар.

На околу 500 километри, во долината на смртта, најтоплото место на светот, очекуваат да се надмине рекордната температура од 56,6ºC од 1913 година.

До крајот на јули, американската Национална океанска и атмосферска администрација (NOAA) предупредува дека топлотниот бран може да се прошири долж Карпестите Планини и во Големите Рамнини на Средниот Запад.

„Јули може да го собори рекордот за најтопол месец на Земјата, не само откако се направени мерењата, туку и стотици, ако не и илјадници години наназад“, рече климатологот на НАСА, Гавин Шмит. И тоа не е само поради Ел Нино, туку затоа што продолжуваме да испуштаме стакленички гасови во атмосферата, рече Шмит.