Во Грција 2.198 нови случаи на Ковид-19, починаа 59 лица, само 21 отсто слободни кревети на интензивна нега

Бројот на новозаразено од Ковид-19 во Грција повторно е над 2.000, односно, 2.198, додека пак починаа 59 лица.

Според податоците од Националната организација за јавно здравје на Грција, приклучени на апарати се 400 лица, осум повеќе од вчера.

Од новите случаи, 491 се во Солун, а 492 во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Бројот на заразени во Солун е намален во споредба со изминатите денови, меѓутоа зголемен е бројот на хоспитализирани лица, со оглед на тоа дека слободни се само пет отсто од ковид- креветите на Одделите за интензивна нега, односно десет кревети од вкупно 182.

На ниво на цела Грција, од 588 кревети на Одделите за интензивна нега во грчките болници наменети за пациенти заразени со Ковид-19, слободни се 21 отсто, односно 125.

Вкупниот број кревети наменети за лекување на позитивни случаи на коронавирусот е 5.629, а хоспитализирани се вкупно 3.527 пациенти.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека следните денови се клучни за текот на пандемијата во земјата.

-Оваа седмица ќе видиме две контрадикторни работи, кои граѓаните треба да ги разберат. Прво, ќе продолжи зголемениот притисок врз здравствениот систем. Приемите на Одделите за интензивна нега и интубацијата, за жал и смртните случаи, ќе бидат високи и оваа седмица. Ова е затоа што оваа седмица ќе ги видиме последиците од високиот број случаи од претходните недели. Од друга страна, бројот на случаи постепено ќе опаѓа во текот на следниот период, објасни Пецас.

Објасни дека во овој момент Владата не размислува за дополнителни рестриктивни мерки, а во однос на тоа дали карантинот ќе биде до крајот на месецов како што беше најавено или ќе биде продолжен, рече дека се ќе зависи од епидемиолошките податоци.

Од почетокот на епидемијата, во Грција има 76.403 случаи на Ковид-19, а се регистрирани 1.165 смртни случаи.