Во градинките во Центар ќе се дезинфицираат речиси 2.000 душеци

Активности за дезинфекција и санитизација на детските и бебешките душеци во сите градинки во општината Центар најавија денеска во матичниот објект на ЈУДГ ОЦ „13 Ноември“, градоначалникот Саша Богдановиќ и претставници од компанијата „Clean Max“.

Со користење на современа технологија и револуционерен систем за дезинфекција ќе се санитизираат, чистат, освежат и заштитат површините на душеците во детските градинки во Центар, соопштија од општината.

– Започнувајќи од денеска, овие акции ќе се спроведат во трите градинки на територијата на Општина Центар: „Кочо Рацин“, „Р. Ј. Корчагин“ и „13 Ноември“ и ќе бидат опфатени останатите 11 објекти – клонови на градинките. Со оваа активност, донација од компанијата „Clean Max“, ќе бидат дезинфицирани и санитизирани вкупно 1.955 детски и бебешки душеци, изјави градоначалникот Богдановиќ.

Од компанија „Clean Max“ сметаат дека ова е вистинско време да се преземат дополнителни заштитни мерки за зголемена безбедност и воедно, безбедно враќање на децата во градинките.

– Се врши инспекција од можна појава на тавтабити и доколку се воспостави дека постои појава на креветни тавтабити, се продолжува со следниот процес каде се врши вшмукување на правта, мртвата кожа и влакната кои се наоѓаат длабоко во душекот Следната револуционерна фаза во нашата технологијата е УВЗ технологија, која научно е докажана за уништување на сите видови бактерии, вируси, останати микроорганизми и нивно размножување, изјави Дијана Бадаровска Мицова од компанијата.

Покрај оваа мерка, која се презема како дополнителна заштита и зголемена безбедност против Ковид-19, во општина Центар почнати се скрининг тестирања за воспитно-образовниот кадар и останатиот персонал во детските центарски градинки, како заштитна мерка пред донесување на Уредбата од Владата за отворање на градинките, посочуваат од општината.