Во градинките 10 деца и 21 вработен се позитивни на Ковид-19 – 150 во изолација


Фото: Б. Грданоски

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека состојбата во градинките е стабилна и оти институцијата со која раководи, заедно со Министерството за здравство будно ја следи. Засега 10 деца и 21 вработен во градинките биле позитивни на корона вирусот, а сите се во добра здравствена состојба. Во изолација поради позитивни случаи се 150 деца.

– Ние будно ја следиме состојбата зошто градинките беа првите установи за деца кои беа отворени на некој начин тоа беше првиот чекор за нормализација на општеството во период на пандемија. Досега состојбата во градинките е стабилна. Последната информација вели дека од отворањето на градинките досега 10 деца и 21 вработен се регистрирани позитивни и се во добра здравствена состојба. Голем дел од групите кои беа затворени заради некој позитивен случај делумно се вратени со работа. Бројките на изолирани деца поради коронавирусот се 150, рече министерката Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по посетата на мал групен дом во Скопје.

Според неа, децата кои биле позитивни, не ја стекнале инфекцијата во градинка. – Тоа го тврдиме врз основа на податокот дека сите членови на постесните семејства се позитивни. Најверојатно инфекцијата ја донеле од дома, потенцира Шахпаска.

Таа вели дека за Mинистерството и за Владата здравјето е најважно и поради тоа заедно со Mинистерството за здравство будно ја следат состојбата. Таа додава дека ќе се види како ќе се одвива состојбата со коронавирусот во земјата и согласно тоа ќе се преземаат мерки. Во моментов, вели Шахпаска, децата се безбедни во градинките и ако се почитуваат сите протоколи за нивна работа ризикот е минимален.