Во Гостиварско, 60-годишник пронајден мртов, полицаец паднал во шахта при увидот
Во текот на вчерашниот ден, 45-годишна жена од селото Равен пријавила во ОВР Гостивар дека нејзиниот сопруг А.А. (60) заминал на работа во Гостивар околу 7 часот, но не се вратил дома и не одговарал на телефонските повици.
По преземените мерки од страна на полициските службеници, А.А. бил пронајден починат околу 00:20 часот на 22 септември на фудбалскиот стадион во селото. Во негова близина била пронајдена моторна пила.
Смртта била констатирана од лекар од Ургентниот центар во Гостивар, по што на местото на настанот бил извршен увид во присуство на јавен обвинител, лекар по судска медицина, увидна екипа од ОВР Гостивар и припадници на Територијалната противпожарна единица Гостивар.
За време на службените активности околу 1:50 часот, полициски службеник паднал во отворена и необележана бетонска шахта со длабочина од околу еден и пол метар.
Полицаецот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Медицинскиот центар во Гостивар.