Во Германија заразени 18.681, најмногу за 24 часа

Германија –  Германија регистрира рекордни 18.681 нови случаи на заразени со новиот коронавирус во изминатите 24 часа, соопшти Институтот за контрола на болести Роберт Кох, додека државата се подготвува за нови анти-епидемиски мерки следната недела, јави ДПА.

Вчерашните бројки се трипати повисоки од нивоата регистрирани за време на првиот пик на инфекцијата кон крајот на март и почетокот на април, иако од тогаш обемот на тестови значително се зголеми.

Вкупниот број на потврдени случаи во Германија е 499.694. Бројот на смртни случаи е 10.349, што е зголемување за 77 од четвртокот. Крајбрежните провинции Шлезвиг-Холштајн и Мекленбург-Западна Померанија, кои се популарни меѓу туристите, вчера објавија дека сите туристи треба да заминат до почетокот на следната недела.

Федералните и покраинските влади се согласија во средата да ги засилат мерките за ограничување на контактите и затворање на продавниците за целиот ноември, во обид да се ограничи коронавирусот пред Божиќ.

Објектите за култура и рекреација ќе бидат затворени. Ова исто така важи и за ресторани и барови. Надворешните собири ќе бидат ограничени на членови на не повеќе од две домаќинства, најмногу до 10 лица.

Натпреварите во Бундеслигата ќе бидат без гледачи, нема да има аматерски спортски натпревари, а ќе бидат затворени и спортски сали, базени, салони за убавина, салони за масажа и салони за тетовирање.

Мерките стапуваат на сила од понеделник.