Во Германија забраната за масовни собири можеби ќе трае до крајот на годината


Забраната за настани со поголем број луѓе во Германија треба да остане во сила до крајот на октомври и можеби дури и до крајот на годината, покажува документ од германските сојузни покраини за кој Владата треба денеска да разговара во Берлин.

– Масовните настани како народните и црковните прослави и концерти треба да останат забранети до крајот на октомври, се вели во документ од сојузната покраина Баварија што треба да послужи како основа за дискусија на премиерите на германските сојузни покраини, пренесуваат германските медиуми.

Според истите информации, масовните собири треба да останат забранети до крајот на годината.

Мерките како што се носење заштитни маски во јавниот превоз и продавниците, како и одржување на растојание од 1,5 метри треба да останат во сила „затоа што се покажаа како ефикасни“, се вели во документот.

Олеснувањето на мерките треба да има кај ограничувањето на собирање на граѓани во јавен простор, и тоа на делот што се однесува на правилото за дозвола за собирање само за лица од две домаќинства.

Во иднина, може да има и луѓе кои припаѓаат на три или повеќе домаќинства.

Исто така треба да се укине и правилото за растојание за луѓето од кругот на познаници или, на пример, колегите од работното место.

Но, граѓаните сè уште се предупредуваат да го минимизираат бројот на луѓе со кои одржуваат редовен контакт.