Во Германија во еден ден оздравеа повеќе од 6.000 лица


Според најновите податоци на Универзитетот Џон Хопкинс, во Германија во последните 24 часа забележани се 3.699 нови случаи на заразени од корона вирус, што е за 20 отсто повеќе од вчера, кога имаше 2.945 нови случаи.

Но, во последните 24 часа исто така, оздравеле 6.114 лица, додека бројот на починати се зголеми за 300.

Вкупно до сега во оваа земја забележани се 141.397 случаи на зараза со корона вирус, а бројот на оздравени е 83.114.

До сега починале 4.352 пациенти како последица од корона вирус.

Германија оваа недека продолжи да ги ублажува мерките, но забраната за контакт останува на сила барем до 3 мај.

Тоа значи дека забранети се собири за повеќе од две лица, освен ако не се членови ан едно домаќинство.

Оддалеченоста мора да е повеќе од 1,5 метри, а граѓаните треба да се воздржат од посети на пријатели и роднини и од еднодневни излети.

Некои продавници ќе се отворат до 20 април. Можно е училиштата да продолжат со работа на 4 мај, како и фризерските салони но со строги мерки на заштита.

Рестораните, кафулињата и трговските центри за сега остануваат затворени. Настани се забранети до 31 август.