Во Германија речиси прекинат железничкиот сообраќај поради штрајк на машиновозачите


Железничкиот сообраќај во Германија денеска речиси е целосно во прекин поради еднодневен штрајк на машиновозачите, а само мал број возови сообраќаат со вонреден возен ред.

Покрај меѓуградскиот и меѓународниот железнички сообраќај, нарушен е и локалниот и градскиот железнички систем, кој е дел од концернот на Германски железници (ДБ).

Синдикатот на германските машиновозачи (ГДЛ) го организира денешниот штрајк на машиновозачите со цел да го зголеми притисокот врз раководството на ДБ пред преговорите што требаше да почнат в петок. Раководството на ДБ го оцени штрајкот како „целосно неоснован“ и го откажа почетокот на преговорите за зголемување на платите поради одлуката на ГДЛ за еднодневен штрајк.

Синдикатот на машиновозачите бара од ДБ повисока плата за 555 евра, премија за ублажување на инфлацијата и намалување на работната недела од 38 на 35 часа. ДБ се согласува за зголемување на платите, но одбива да ја скрати работната недела. Бруто платите на машиновозачите, во зависност од покраините, се движат од 3.500 до 4.500 евра.