Во функција остануваат пет гранични премини, бројот на заболени се искачи на 18 лица


Фото: Б. Грданоски

Влезот и излезот во и од Македонија по копнен пат за патници и возила ќе биде можен преку граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце, но само за странските државјани кои се од ниско ризичните земји за корона вирусот, соопшти вечерва на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче кој ги презентираше новите мерки за заштита од ширење на вирусот. Се затвора и аеродромот во Охрид, „Свети Апостол Павле“, но за тоа треба да поминат 48 часа од донесување на одлуката, заради неопходната нотификација до авиокомпаниите.

Забраната важи за сите странски државјани кои доаѓаат од земјите со среден и висок ризик според листата што ја објавува Светската здравствена организациј, освен за лицата за кои МВР ќе даде дозвола по мислење на Главниот координативен кризен штаб заради посебен економски или друг интерес тие да влезат во земјава, но под посебни услови согласно протоколот на Министерството за здравство.

Овие мерки доаѓаат откако денес бројот на заболени од КОВИД 19 се искачи на вкупно 18 лица, од кои шест се регистрирани денес.

„Денес беа тестирани вкупно 12 лица, осум претпладне, четири во попладневните часови. Од нив позитивни на корона се шест лица“, рече Филипче.

Фото: Б. Грданоски

Едно од шесте лица е жена која со авион на „Визер“ дошла синоќа од Барселона и која самата се пријавила на контролниот пункт на аеродромот во Скопје поради зголемена телесна температура. Филипче рече дека таа самата била заштитена со маска и со ракавици.

„Жената е сместена на Клиниката за инфективни болести каде што е земен материјалот. На сите други 51 патник во авионот им е издадено решение за здравствен надзор, односно за домашна изолација“, рече Филипче.

Од досега дијагностоцираните лица со корона вирус, на клиниката во Скопје се сместени 13, а петмина се во болницата во Дебар, согласно планот за новодијагностицирани пациенти од овој регион. Таму, како што рече Филипче има доволно кадар, односно епидемиолог и двајца инфектолози. Пациентите се со лесна клиничка слика, која наликува на настинка и сите тие се поврзани со групата која претходно е хоспитализирана на клиниката во Скопје. Со цел да се зајакне капацитетот на болницата во Дебар, наредните денови таму ќе биде упатен уште еден специјалист.

Филипче исто така додаде дека контролните тестовите кои биле направени на лекарите кои се ангажирани во Дебар биле негативни на корона вирус.

Што се однесува до другите мерки кои денес беа донесени на седница на Владата, Филипче нагласи дека е формиран Главен координативен кризен штаб со кој ќе раководи премиерот на Владата и во негов состав се и замениците на премеирот, како и министрите за здравство, за одбрана, за транспорт и врски, за внатрешни работи, за образование и наука, за финансии, за надворешни тработи и директорите на Центарот за управување со кризи и на дирекцијата за заштита и спасување.

„Главниот координативен кризен штаб ќе се состанува на дневна основа, секое претпладне во просториите на Владата веднаш по состанокот на Комисијата за заразни болести“, рече Филипче.

Министерот ги презентира и другите мерки – да се затворат сите продавници во моловите освен супермаркетите и продавниците за храна и аптеките. Сите други правни лица може да работат и да остваруваат продажба, но преку алтернативен начин – онлајн и телефонски и да вршат достава на истите.

Целосно се забранува работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници.

Сите угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна може да работат, но без посета на готи и да остваруваат продажба на алтернативен начин – онлајн, телефонски и да вршат достава или да овозможуваат самостојно подигнување на доставата надвор од угостителскиот објект.

Се задолжува Министерствот за здравство на секој наш граѓанин кој влегува на граничните премини, а доаѓа од високоризичните или средноризичните земји, на граничниот премин да му издаде писмена наредба за самоизолација и да потпише самиот изјава дека ќе изврши самоизолација со сите податоци за местото на престој.

Во однос на доставувањето продукти на лицата кои живеат во Дебар и Центар Жупа, за да не се загрози сигурноста, предвидени се посебни мерки за дезинфекција на возилата како и обезбедување лицата да не излегуваат од возилата.

„Да ја повторам препораката: со седење дома се помага, се зачувува јавното здравје и ќе се стави рампа на ширењето на овој вирус. Во фаза сме што не знеме што да очекуваме, добро е што имаме само едно подрачје со локална трансмисија“, рече Филипче додавајќи дека врз основа на досегашните сознанија врвот на епидемијата може да се очекува во март и во април и нагласи дека со цел да се спречи ширењето на заразата, сите капацитети се спремни, како оние за дијагностика, така и болничките установи.