Во Франција повторно раст на бројот на новозаболени од Ковид-19


Во Франција веќе неколку дена повторно се забележува тренд на зголемување на заболените од Ковид-19. Ова непосредно пред периодот на божиќните и новогодишните празници, кои за здравствените власти претставуваат огромен ризик, јави дописникот на МИА.

-Во Франција, гледаме зголемување на бројот на потврдени случаи, изјави Жером Саломон, генрален директор за здравство. Според неговите податоци, во последните 24 часа во земјата има 18.254 нови случаи, наспроти вчерашните 17.615. За една недела беа извршени 1.430.000 антигени тестови, 25.182 пациенти се уште се хоспитализирани. Во изминатите 24 часа умреа 258 лица, со што бројот на смртни случаи достигна 59.619  од почетокот на епидемијата.

Саломон се наврати и на позитивниот тест на претседателот Емануел Макрон.

-Што се однесува до претседателот на Републиката, тој е пример за сите Французи. Се изолираше на најмалиот симптом и тоа е она што им го кажуваме на сите Французи. Тој направи тест со намалиот сомнеж, тоа е она што ние исто така го сакаме, следењето е на место и тој е жесток поддржувач на апликацијата Tous AntiCovid. Имајќи ја можноста и честа да присуствувам на состаноците со него, тој е исклучително внимателен кон оддржувањето дистанца и растојанието го почитува, рече Саломон.