Во Франција од вечерва полициски час, дозволено џогирање и шетање кучиња


Франција– Ноќниот полициски час ќе стапи на сила во Париз и во осум други градови во Франција од вечерва, што ќе влијае на околу 20 милиони граѓани.

Сепак, ќе бидат дозволени одредени исклучоци, како што се џогирање и шетање на кучињата, јави Би-Би-Си.

Полицискиот час ќе важи помеѓу девет часот навечер и шест часот наутро и ќе важи најмалку еден месец.

Рестораните, кафулињата и кината ќе можат да работат до 21 часот, а на иста маса ќе може да вечераат максимум шест лица, пренесуваат француските медиуми.

Продажните места за храна и натаму ќе можат да доставуваат во текот на ноќта.

За време на полицискиот час, граѓаните ќе можат да излегуваат надвор за џогирање и да ги носат кучињата на прошетка, но ќе им биде потребна дозвола, како што тоа беше потребно за време на претходниот двомесечен карантин.

Покрај ова, на граѓаните ќе им биде дозволено да излегуваат во текот на ноќта за итни медицински состојби, неопходни домашни посети за нега и патување со воз или авион.

На работниците кои работат во смени во доцните вечерни часови, исто така, ќе им биде дозволено да го прекршат полицискиот час, кога работата го бара тоа од нив.

Француските власти ќе ангажираат 12.000 полицајци кои ќе се грижат за почитување на мерките за време на карантинот.

Предвидена е глоба од 135 евра за кршење на мерките, а за повторување на прекршокот, сторителите може да се соочат со казна затвор од шест месеци и парична казна од 3.750 евра