Во Франција горат 900 тони литиумски батерии (видео)


Околу 900 тони литиумски батерии горат во фабрика за рециклирање батерии во јужна Франција, создавајќи облак од густ црн чад, соопштија денеска француските власти.

Пожарот избувна вчера во магацин во сопственост на француската група за рециклирање СНАМ во Вивиез, северно од Тулуз, објави локалниот советник Паскал Мазе на платформата Х.

Весникот „Монд“ објави дека околу 70 пожарникари се борат да го стават пожарот под контрола. Локалниот функционер Чарлс Џусти изјави за телевизијата БФМ дека нема опасност за луѓето што живеат во близина.

Потенцијална опасност од токсични материи
Литиумските батерии се од витално значење за електричните уреди од телефоните до електричните автомобили, но тие содржат запаливи материјали кои, во комбинација со енергијата што ја складираат, може да ги направат подложни на палење кога се изложени на топлина. Согорувањето на литиумските батерии е потенцијална опасност поради ослободување на токсични материи.

Во издаденото безбедносно известување се предупредува дека во случај на голем пожар производите во фабриката најверојатно би испуштале кадмиум. Кадмиумот е многу отровен и опасен за животната средина, но се наведува дека отровните испарувања не треба да претставуваат непосредна опасност по здравјето на жителите.

Во јануари минатата година, голем пожар избувна во магацин во Нормандија, каде се складирани автомобилски компоненти и илјадници литиумски батерии, а пожарот беше ставен под контрола без жртви. Пожарникарите соопштија дека нема знаци на опасно загадување на воздухот.