Во Франција, бројот на новозаразени со корона вирусот на највисоко ниво од крајот на мај

Здравствените власти на Франција регистрираа 1695 нови случаи на коронавирус за 24 часа. Во вторникот, научниот совет што ја водеше Владата во борбата против Ковид-19 предупреди дека Франција нема да биде имуна од втор бран во текот оваа есен, јави дописникот на МИА.

Вкупниот број на смртни случаи од „Ковид-19“ во земјата достигна 30305. Додека бројот на хоспитализирани со вирусот е 5114, што е намалување за 14 лица од претходниот ден. Во одделенијата за реанимација и интензивна нега, каде што беше забележано зголемување на креветите зафатени од пациенти со „Ковид-19“ бројките флуктуираат во последниве денови, ставајќи му крај на континуираното движење надолу што беше забележано од 9 април (384 наспроти 388).

– И за време на одмор, дури и во лето, вирусот сè уште активно циркулира. Затоа, сите сме загрижени, потенцира Општата дирекција за здравство, која уште еднаш повикува на почитување на физичкото растојание и заштитните мерки во однос на најстарите и најранливите.