Во фокусот на МОН е да креира реформи за спречување на „одливот на мозоци“


„Одливот на мозоци“ стана тажен рефрен на Западен Балкан, каде многу млади ги негуваат своите соништа за живот и работа во странство. Велам дека надвор од тоа, ова е глобален феномен, но кога ги погодува малите земји кои се уште се во развој, последиците се повидливи и почувствителни во сите сегменти на општественото живеење. 

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на тркалезната маса на тема „Враќање на мозокот во татковината“, организирана од страна на Универзитетот „Мајка Тереза“. 

– Морам да кажам дека во фокусот на Министерството за образование и наука е да креира реформски процеси со сериозно пристапување кон оваа појава, бидејќи преку изградба на квалитетен и перспективен образовен систем, поддршката на талентите и мерките за усогласување на профилите и образование за потребите на пазарот на труд придонесуваме за создавање на најдобри услови и стандард на живеење овде во нашата земја, рече министерот. 

Сметам, потенцираше тој, дека треба почесто да зборуваме за причините за останување во татковината, како и да разговараме за начините за враќање на искусните кадри, со цел да се создаде попозитивна и понадежна клима за идните генерации. 

– Кога на нешто му пристапуваме како проблем или како предизвик, треба да се обидеме да најдеме алтернативи за да понудиме решенија, додаде Шаќири.