Во Филхармонија се одржа концерт посветен на 30 години дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска


Во рамки на 30-годишнината од воспоставување на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Хрватска, синоќа, во Филхармонија се одржа концерт на хрватска клапа и фолклорни ансамбли од Северна Македонија.

Настанот беше отворен со изведба на македонската и хрватската државна химна, по што се обратија двајцата министри за надворешни работи, Бујар Османи и Гордан Грлиќ Радман.

 

– Годините се само бројка, тоа се три декади одбележани со доверба но и со политичко, економска и културна соработка. Три декади со кои нашите две земји се соочуваат со слични предизвици да обезбедат пристојна иднина за своите граѓани. Европските и евроатлантските интеграции се во сржта на развојот и на двете земји. Оттука не само што нам ни е потребно туку за нас се и очекувана силната и недвосмислена поддршка на Хрватска што во континуитет ја изразува за нашата европска и евроатлантска перспектива, истакна Османи во своето обраќање.

Тој додаде дека кога се гради искрено и трајно пријателство на здрава и цврста основа тоа е пријателство што се надградува и расте постојано.

Хрватскиот министер Радман посочи дека со Османи секогаш имаат одлична соработка, на сите средби, а особено на средбите поврзани со НАТО, како стратешки сојузници на НАТО Алијансата.

Настанот продолжи со настап на хрватска клапа и фолклорни ансамбли од Северна Македонија.