Во Филхармонија премиерна изведба на дела од Перт, Ротару и Ахо
Оркестарот на Филхарамонија вечер со почеток во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Сеќавање на Бенџамин Бритн“. Како солист на флејта ќе настапи Матеј Јоакимеску од Романија, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа.
Во програмата се предвидени дела од современата музика – за првпат ќе прозвучат „Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ од Арво Перт и Концертот за флејта и оркестар на Дојна Ротару, а светска премиера ќе доживее Концертот за алт-флејта и гудачи бр. 2 од финскиот композитор Калеви Ахо.
„Кантус во сеќавање на Бенџамин Бритн“ (1977) е композиција од естонскиот композитор Авро Перт, напишана по смртта на англискиот композитор Бенџамин Бритн.
Матеј Јоакимеску е еден од најпознатите романски флејтисти. Публиката и критиката ги оценува неговите настапи како „авантуристички и восхитувачки“. Редовно настапува на светските сцени како солист, но и во камерни состави, изведувајќи барокен, современ и кросовер репертоар.
Јоакимеску е дипломец на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Барбара Гислер-Хасе. Добитник е на многу интернационални награди.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата музичка репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кои ги предводи оркестрите. Магистрирал на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.