Во Филхармонија оперски концерт во чест на Леонкавало


Во сабота, во 20 часот во Малата сала при националната Филхармонија, Италијанската Амбасада организира оперски концерт во чест на италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало, со македонскиот тенор Благој Нацоски, по повод одбележувањето на 60 години од воведувањето на наставата на италијанскиот јазик и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Настанот е завршниот дел на меѓународната конференција „Италијанистиката во третиот милениум: Новите предизвици во јазичните, книжевните и културолошките истражувања“, организирана од Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, со поддршка на Ректоратот, на Факултетот и на Италијанската Амбасада.

Тема на концертот ќе бидат оперските дела на Руџеро Леонкавало (1857-1919), еден од најважните претставници на мелодраматичниот варизам, како комеморација на стогодишнината од смртта на наполитанскиот музичар. Иако е познат најмногу по неговото дело “I pagliacci”, Леонкавало е автор и на многу други дела, меѓу кои и “La bohème” и “Zazà”. Програмата опфаќа и изведби на дела од автори современици на Леонкавало, како на пример Пјетро Маскањи и Франческо Паоло Тости.

Познатиот македонски тенор Благој Нацоски веќе долги години е во Италија, настапувал во престижни меѓународни театри, како „Скала” во Милано, „Фениче” во Венеција и „Њујорк сити опера”. Во 2008 година од страна на Владата во Скопје му е доделена почесната титула Амбасадор на македонската култура, а во неговата скоро дваесетгодишна кариера може да се пофали со бројни соработки со важни диригенти. Во оваа прилика ќе го придружуваат Дино Имери на пијано и сопранот Хелена Суша. За време на концертот ќе има и говори за животот и делото на Леонкавало, на македонски и на италијански јазик.

Влезот е бесплатен.