Во Филхармониија завршна манифестација по повод  „2021 – Година во чест на Блаже Конески“


Завршна манифестација со која ќе биде заокружено чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ ќе се одржи вечер во Филхармонија.

Оркестарот на Филхармонијата ќе изведе концерт инспириран од творештвото на Блаже Конески, во чии рамки ќе бидат интерпретирани делата „Молитва“ од Тодор Скаловски и „Записи“ од Томислав Зографски. Оркестрацијата е на Ангел Спировски, баритон – Горан Начевски.

Во фоајето на Филхармонијата,  ќе може да се проследи и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.

Влезот за концертот е слободен, а активностите ќе се одвиваат во согласност со мерките за заштита од Ковид-19 пропишани од Комисијата за заразни болести.

– Иницијативата за Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ ја започнаа Министерството за култура и Министерството за образование и наука, а за меѓународните активности се вклучи и Министерството за надворешни работи. Програмата, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се реализираше во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, се вели во соопштението од Филхармонија.