Во февруари почнува со работа центарот за итни повици 112


Во февруари, место во декември ќе почне да функционира европскиот Центар за итни повици 112, во Македонија, најави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Во случај на несреќа, граѓаните ќе можат да се јават на овој број и да го пријават настанот. Во исто време, преку координација од Центарот за управување со кризи (ЦУК) ќе се ангажираат сите единици, полицијата, итната медицинска помош и бригадата за противпожарна заштита. Засега, остануваат во функција телефонските броеви 192, 193, 194.

– Постоечките броеви и понатаму ќе постојат, тој што ќе се јави на 192 ќе добие полиција. Потоа, системот ќе ги префрла на овој центар – појасни Ангелов.

За таа цел, ќе постојат осум центри и тоа главниот во Скопје, потоа во Тетово, Битола, Штип, Велес, Охрид, Струмица и подоцна во Куманово. 

– Во 2020 година започнавме со реконструкција на шест оперативни центри, покрај овој во Скопје, и во Тетово, Битола, Штип, Велес, Охрид, Струмица и последниот осми регионален центар Куманово, ќе биде задоцнето бидејќи го работиме со Амбасадата на САД. Во трите регионални центри е завршена преадаптацијата, а другите се доопремуваат просториите со мебел –  рече Душко Петровски раководител на проектот и на секторот 112.

Во Законот за управување со кризи  се направи измена и примателите на повици ќе имаат зголемена плата од 30, односно 35 проценти, во зависност од тоа дали зборуваат некој странски јазик.

-Воспоставивме соработка со МО, каде што сите лица коишто ќе работат со Е-112 најпрво ќе мора да положат тестови за интелигенција, тестови за карактерни особини, тестови за познавање на англискиот јазик или евентуално познавање на друг јазик. Меѓу вработените ќе има и лица коишто го зборат албанскиот јазик, но и за нив е потребно да го зборуваат англискиот или друг светски јазик, рече Ангелов. Додаде дека ќе биде потребно и познавање на комјутерски вештини.

Појасни дека системот овозможува примачот на повик во истиот момент да знае каде се наоѓа жртвата. Информациите ги внесува во кумпјутер, за што треба да знаат компјутерски вештини. Податоците одат во брза помош, кои праќаат возила, како и полицијата, која исто така праќа тим, а ако нешто  гори, доаѓа и противпожарна екипа.

– Сите разговори кои ќе ги вршат примателите на повик ќе бидат снимени. На тој начин ќе бидат спречени и лажни пријави. За неколку месеци мнозуинството граѓани ќе го користат овој број 112. Особено странците кои се на поминување. А бројот функционира кога се нема кредит – рече Ангелов.

Затоа што има пренатрупаност на државната администрација, тој ги повика сите лица вработени во државна администрација, на неопределено време, да се пријават на повикот за вработување на 112.

 Ова е тешка работа, психолошки исцрпна, бидејќи секојдневно треба да се разговара со лица во тешка здравствена состојба, лица на умирање, да аплицираат до ЦУК. Доколку ги исполнуваат критериумите ќе бидат упатени на тестирање.

-Италијанската компанија „Бета 80“ која го доби тендерот за набавка на средства и опрема со која сме во секојдневен и постојан контакт ги обезбедува сите врски, средства и опрема информатички за функционирање на 112, комуникациската поврзаност помеѓу овие центри, како и обуката која претстои и која треба да претстои во наредниот период, изјави Петровски.

Имплементаторот на проектот побарал место на 31 декември, пилот-проектот да почне на 11 февруари, кога е ден на центарот на ниво на Европа.

Во моментот ќе се почне со 50 вработени, а потоа нивниот број ќе се зголемува.(Б.Б.)