Во европските банки под мораториум се 360 милијарди евра кредити


Министерката за финансии, Ангеловска истакна дека на расходната страна се додаваат средства за соодветните КОВИД програми

Најголемите банки во Европа воведоа мораториум или други олеснувања за отплата на над 360 милијарди евра кредити, а големото прашање е дали должниците ќе можат да продолжат да ги извршуваат своите обврски кога ќе завршат таквите мерки за поддршка, пишува Ројтерс.

Според упатствата на владите и монетарните регулатори, заемодавателите им дадоа пауза на милиони граѓани и клиенти за да им помогнат да се справат со финансиските потешкотии предизвикани од пандемијата на коронавирус.

Не е лесно да се утврди колку од овие заеми би можеле да завршат во категоријата лоши заеми (НПЛ) кога ќе завршат мерките за поддршка и во која мерка банките ќе претрпат загуби за возврат, пренесува британската агенција.

Податоците од седумте најголеми европски банки за воведеното олеснување за должниците на крајот на вториот квартал, покажуваат дека вредноста на неизмирените кредити под мораториумот е околу 15 пати поголема од вкупниот износ на резервации за потенцијални загуби за кредитите.

Европските регулатори изјавија дека банките не треба автоматски да издвојуваат пари за покривање на заемите за кои отплата е паузирана доколку се убедени дека плаќањето на ратите ќе продолжи нормално, но ова е тешко да се процени.

Томас Вердин, директор за управување со банка и регулатива на независната фирма за ревизија и консултантски услуги БМ & А, посочува дека некои клиенти кои не се во финансиски потешкотии побарале кратка пауза во отплата на заемите поради претпазливост.

„Значи, вие не знаете дали обемот на заеми што се наоѓаат под мораториумот е сигнал дека клиентот е во финансиски потешкотии“, вели тој.

Во шпанската банка Сантандер велат дека околу 116 милијарди евра заеми се под некоја од мерките за паузирање на отплатите. За околу една третина од таа сума рокот истече до 15 јули, а огромното мнозинство од тие заеми сè уште се во прекин.

Должниците кои избираат да не ја продолжат паузата за плаќање на кредитот најверојатно имаат посилна финансиска состојба.

Во Велика Британија, почетната програма на тримесечниот мораториум за отплата на заемите веќе еднаш беше продолжена, при што крајниот рок за повеќето заеми да продолжат со отплата е на есен.

Банкарската групација Лојд, најголемиот хипотекарен заемодавател во Велика Британија, соопшти дека „ќе добие појасна слика за реалната состојба“ во следните неколку месеци во однос на процентот на хипотекарни заеми кои се под мораториум и кои би завршиле како НПЛ односно лоши (ненаплатливи) кредити.