Во Европскиот парламент ќе се влегува само со ковид сертификат


Пасошите за корона вирус доаѓаат во Европскиот парламент.

Валиден ЕУ дигитален сертификат за ковид ќе биде потребен за секого – пратеник или персонал – кој ќе влезе во просториите на парламентот во Брисел, Стразбур и Луксембург од 3 ноември, се вели во е-пошта испратена во средата од Генералниот директорат за персонал на Парламентот која ја видел „Политико“.

Одлуката ја донесе генералниот секретар на парламентот, Клаус Веле, откако мнозинството потпретседатели на комората гласаа за воведување на сертификатот.

Но, тоа, исто така, предизвика бес кај некои европратеници, кои сметаат дека тоа ги поткопува нивните основни права.

„Според нашите сознанија, Европскиот парламент ќе биде првиот во Европа што ќе спроведе таква мерка“, напиша во писмо група европратеници, вклучувајќи ги Франсоа-Ксавиер Белами од ЕПП, Мишел Риваси од Зелените, Вирџинија Жорон од групата Идентитет и демократија и Ане-Софи Пелетие од Левица, испратено во вторникот до претседателот на парламентот Давид Сасоли.

„Ова би го прекршило еден многу фундаментален принцип во демократскиот дом: никогаш не треба да биде спречен избраниот претставник, кој ги исполнил сите законски обврски, да влезе во парламентот“, додаваат европратениците.