Во ЕУ претставен компромисен предлог за деблокада на буџетот


Белгија–  Германското претседателство со Советот на ЕУ подготви нацрт решение за прекин на унгарско-полската блокада на голем финансиски пакет, според кое одлуката за поврзување на распределбата на европските средства со владеењето на правото не може да се спроведе се додека не биде одобрена од Судот на ЕУ.

Вакво решение, за кое германското претседателство преговараше со Унгарија и Полска, беше презентирано пред амбасадорите на земјите-членки синоќа.

Сега треба да го потврдат лидерите на земјите-членки, кои ќе се соберат денеска на дводневниот самит во Брисел. Одлуката бара согласност од сите земји-членки.

Според предложениот компромис, регулативата со која се условува распределбата на европските средства според владеењето на правото останува непроменета, а Унгарија и Полска би добиле гаранции преку интерпретативна изјава дека механизмот ќе се користи објективно и непристрасно.