Во ЕУ немало волку банкротства на компании уште од 2015 година


Бројот на корпоративни банкротства во Европската унија во вториот квартал од 2023 година достигна највисоко ниво од 2015 година, кога почнаа да се собираат овие податоци, објави денеска Евростат.

За зголемувањето на нивниот број најмногу придонесоа стечаите во секторот давање сместувачки и угостителски услуги, се вели во извештајот на заводот за статистика. Бројот на стечаи на компании во вториот квартал е зголемен за осум отсто во однос на претходните три месеци, што бележи раст шести квартал по ред, објави Евростат.

Бројот на регистрирани нови фирми во истиот период е благо намален, но остана поголем во однос на периодот од 2015 до 2022 година, соопшти Заводот за статистика.

Сите сектори во економијата бележат пораст на бројот на стечаи во однос на претходниот квартал, но најпогодени се давателите на услуги за сместување и храна, со зголемување на бројот на стечајци за 24 отсто.

Следи секторот транспорт и складирање каде бројот на стечаи е зголемен за 15 отсто во однос на претходните три месеци и секторот образование, здравство и социјални дејности каде нивниот број е зголемен за 10 отсто.

Бројот на стечаи во вториот квартал од оваа година е исто така поголем отколку пред пандемијата во повеќето економски сектори, според Евростат.

Најголем пораст на бројот на стечаи во однос на четвртиот квартал од претпандемиската 2019 година е забележан во услугите за сместување и храна за 83 отсто и во секторот транспорт и складирање за 57 отсто.

Единствен исклучок се индустријата и градежништвото, кои забележаа пад на бројот на стечаи од 12, односно три отсто, во однос на четвртиот квартал од 2019 година, објави Евростат.