Во ЕУ има моментум за проширување, Македонија треба да го искористи, порача Рокас


 

Македонија треба да го искористи моментумот на наклонетост на Европската комисија кон нашата држава за почеток на преговоте по поглавја, им порача денеска амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, на пратениците на заедничка седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, на чиј дневен ред беше Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2024 година.

„Би сакал да ве поттикнам да го искористите тековниот момент на наклонетост кон проширувањето. Има вистински моментум, има вистинска посветеност. Од наша страна сме посветени и подготвени да ви помогнеме да го изодите патот кон Европската унија. Новиот претседател на Советот, новиот комесар за проширување и новиот потпретседател на Комисијата Калас, сите ја изразија поддршката за вашиот пат кон ЕУ“, рече евроамбасадорот.

Тој им порача на пратениците да ја искористат „на најдобар можен начин оваа можност, пред сѐ и над сѐ заради придобивките за граѓаните кои сакаат да бидат дел од Европската Унија“.

Евроамбасадорот укажа дека изборите и именувањата „на одредени позиции во државни институции и агенции треба да бидат навремени и да се темелат на заслуга“ и европско знаменце при донесување закони да се употребува само кога се работи за закони за усогласување со законодавството на Европската унија.

„Новиот собраниски состав треба да ја забрза својата работа и да продолжи со реформите коишто се неопходни за процесот на евроинтеграција на државата вклучително и уставните измени. Собранието треба да усвои агенда со која ќе се намали употребата на скратена или итна постапка на закони и да внимава на соодветна употреба на европското знаменце, процедура која беше забележителна во минатото. Употребата на европското знаменце во процедурите треба да биде поврзана само со законите коишто имаат цел усогласување со законодавството на Европската унија и да се темели на сеопфатни консултации, вклучително и консултации со Европската комисија“, рече Рокас.

Тој додаде дека Северна Македонија се усогласила целосно со надворешната заедничка безбедносна политика и се приклучила кон санкциите а ЕУ против Руската Федерација со што, како што рече, „уште еднаш покажа дека е доверлив партнер на Унијата“.

Претседавачот на собранискиот Национален совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на седницата рече дека забрзувањето на реформите во клучните области е неопходно за напредокот на државата и дека „сите треба да дадат придонес за отворање на првиот кластер“. Филипче најави дека во следниот период ќе има почести седници на ова собраниско тело. 

„Ќе бидеме, на некој начин, и контрола и поддршка на Владата во остварувањето на работите што се пред нас, пред сè во делот на реформската агенда. Добро е да се одржува консензусот за членство во Европската Унија. Сметам дека претставници на сите денес присутни политички и економски субјекти ќе дадат свој придонес во работата, поддршка на Владата во остварување на овој процес со цел навистина да се забрза процесот и дека во овој состав на Собранието и во овој мандат ќе се отвори првиот кластер“, рече Филипче.