Во ерупцијата на вулканот во Конго загинаа најмалку 32 лица


Во вулканска ерупција во источен Конго загинаа најмалку 32 лица и беа уништи повеќе од 500 куќи, соопштија денеска градските власти во Гома.

Жителите велат дека скоро и да немало предупредувања пред мрачното небо да стане црвено, по што луѓето почнале да бегаат и да си го спасуваат животот.

Според локален службеник, повеќе од 10 лица загинале во сообраќајни несреќи при обид да избегаат од загрозената област, пренесува АП.

Ерупцијата на Мон Нирагонга во саботата вечерта принуди 5.000 луѓе да се евакуираат од 2-милионскиот град Гома близу границата со Руанда, додека други 25.000 луѓе побараа засолниште во северозападниот град Саке, изјави претставникот на УНИЦЕФ.

Се стравува дека повеќе од 170 деца се водат за исчезнати, а претставниците на УНИЦЕФ потврдија дека организирале транзитни центри за да обезбедат помош на 150 деца кои биле оставени без придружба на возрасните „за време на катастрофата“.

Воениот гувернер на провинцијата Северен Киву ги повика граѓаните да не испраќаат деца во училиштата, а аеродромите во Гома и соседниот Кавум беа затворени.