Во еден глас: ГЕРБ, ВМРО-ДПМНЕ и македонските Бугари против францускиот предлог


 

Предлогот што наводно е од француското претседателство на ЕУ за начинот како да се крене бугарското вето за Македонија, ги возбуди духовите во опозицијата во двете држави, додека официјалните власти молчат. Против овој предлог се изјаснија и ВМРО-ДПМНЕ, и ГЕРБ (архитектите на бугарското вето), а остро истапи и организација на македонските Бугари.

Андреј Ковачев, европратеник од ГЕРБ, кој се смета за еден од гласноговорниците на партијата околу прашањата за Македонија, го обвини бугарскиот премиер оценувајќи дека „Кирил Петков создаде апсолутен хаос по прашањето за Македонија! Не барајте соработка на оваа чувствителна тема со политичките сили на опозицијата“.

Според него, се криело она што е постигнатото или она што не е постигнато и во текстот недостасувале најважните елементи за Бугарија. „Во точката 5 се споменува протокол меѓу Бугарија и РСМ, кој никој не го видел, а во точката 35, ‘Акциски план’, кој исто така PCM не го претстави. Апсолутно е нејасно со какв правна сила е тој протокол. Очекувањата се сите бугарски услови од рамковната позиција да бидат во овој протокол? Се разбира, подобро е да бидеме директно во преговарачка рамка. Немаме гаранции во овој момент. Да, овој текст може да биде основа за надградба, но дефинитивно не е прифатлив во сегашната форма. Ништо не е успешно договорено ниту за јазичните прашања.

Петков се обврза, но тој ангажман е против ставот на Бугарија“, вели Ковачев и бара претседателот Румен Радев да ја претставувал Бугарија на европскиот самит идната недела.

ВМРО-ДПМНЕ во соопштение денеска го нарече францускиот предлог „уцена“ и побара оставка на премиерот Димитар Ковачевски. ВМРО-ДПМНЕ предвреме кажа дека бугарската влада паднала.

„Падна бугарската влада, треба да падне и владата на Ковачевски во Македонија. Францускиот предлог од тоа што беше пренесено во медиумите е целосно фијаско и остварување на сите бугарски барања без какви било гаранции за Македонија.

Наместо да молчи Ковачевски треба веднаш да излезе и да го отфрли предлогот кој беше презентиран од медиумите. Зошто молк и дали молкот значи согласност на СДСМ и Ковачевски со капитулацијата која ѝ се подготвува на Македонија.

Дали СДСМ ќе прифати тивка бугаризација или целосно отфрлање на Македонија од процесот на евроинтеграции? Францускиот предлог е уцена и целосно фијаско на Ковачевски поради што треба да си даде оставка веднаш“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Петар Колев, претседателот на партијата Граѓанско демократска унија, и еден од главните претставници на македонските Бугари, вели дека францускиот предлог, без содржината на патоказот или протоколот споменат во него, е мачка во вреќа. Во интервју за БГНЕС тој вели дека освен што имплицитно се споменати правата на Бугарите во Македонија, „во францускиот предлог ги нема работите како заедничка историја, воспитно-образовен процес, архиви на тоталитарните служби во Македонија и ред други прашања кои конкретно беа споменати во условите 4+1 поставени од Бугарија“, рече Колев.

„Не можам да разберам дали некој се обидува да потпише бланко чек или бел лист без јасна содржина. Ако работите останат вака, без јасни гаранции за расчистување на контроверзните прашања во историјата, без јасни гаранции за промена на образовниот систем, се надевам дека сфаќате со какви нецивилизирани, нечовечки и неморални избори се соочуваат македонските Бугари. Треба да избереме дали ние и нашите деца сме Бугари или нашите дедовци се Бугари. Се надевам дека бугарското општество ќе сфати каков вулгарен и нецивилизиран пристап е ова“, вели Петар Колев.

„За нас, организациите на македонските Бугари, неприфатливо е Македонија да ги започне преговорите за ЕУ ​​без да ги реши отворените прашања со Бугарија“, вели Петар Колев.