Во двојка е поубаво: Кој дојде на свечената миса на папата Франциск?


Историската посета на папата Франциск ја стави Северна Македонија на светската мапа, а беше предизвик  да се дојде на плоштадот Македонија во Скопје и од првиот ред да се слушнат пораките на Светиот Отец.

Кој од државниот врв, од дипломатскиот кор  и од сите јавни сфери на живеење дојде да му покаже почит на папата Франциск?

Премиерот Зоран Заев го пречека и го испрати високиот гостин од Ватикан, ама во завршницата на официјалните разговори му се придружија и сопругата и ќерката, соодветно облечени по протокол. Во темни бои, со минимална шминка и накит.

Претседателот на заминување Ѓорѓе Иванов, исто така, го дочека и го испрати папата Франциск од Скопје, неговата резиденција на Водно беше своевидна канцеларија за државниот врв за време на неговиот десетчасовен престој во земјата. Му даде подароци, дури и вина со папата на специјални етикети од винарницата „Тиквеш“, а неговото семејство-првата дама Маја и синот беа околу него. За време на мандатот, претседателот и првата дама го посетија неколку пати Ватикан, дури во 2013 година присуствуваа и на инаугурацијата на папата Франциск.

Од државниот врв, на свечената миса во центарот на Скопје беше забележана и поранешната премиерка на Хрватска-Јадранка Косор, а како редовна двојка на официјални и гала настани се и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска и нејзиниот сопруг-бизнисменот Божидар-Бобо Јанковски.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дојде со сопругата на историскиот настан, како и бројни министри, судии, директори….

Л. Сабит

Фото: Б. Грданоски