Во два дена пронајдени мртви двајца руски олигарси – мртви се и сопругите и ќерките


Вилата во која отседнал рускиот бизнисмен во Шпанија

Во два дена пронајдени се двајца руски олигарси, а мртви се и нивните сопруги и нивните ќерки.

Владислав Аваев, поранешниот потпретседател на Газпром банка, пронајден е мртов, со прострелна рана во својот стан во Москва во понеделникот, јави руската државна агенција Тасс.

Московскиот истражен оддел не ги наведе имињата на жртвите во своето соопштение за случајот, но Тасс наведува дека неименуван извор го потврил нивниот идентитет, пренесе Бизнис инсајдер.

Истражителите напишаа дека ја заговараат теоријата дека Аваев ја убил својата жена и ќерката, па потоа се убил.

Речиси исто сценарио со руски олигарх и неговото семејство во Шпанија

Повеќе од 3.000 километри понатаму, во Шпанија, уште еден олигарх, Сергеј Протосења, пронајден е обесен, а неговата сопруга и ќерка на смрт избодени, јави шпанската телевизија Телечинко. Неговото тело е пронајдено во вторникот, јави шпанскиот магазин „Ел пунта вуи“.

Покрај телото на Протосења имало крвав нож и секира, јави „Телечинко“.

Едниот беше втор човек на Газпром банка, додека другиот беше човек на фирма за гас која имала блиски деловни односи во Газпромбанка.

Протосења е поранешен потпретседател и главен финансиер на „Новотек“, голема фирма за гас, која, како што пишува „Бизнис инсајдер“, имала блиски деловни односи со Газпром банка.

Протосења со сопругата и ќекрата отседнал во најмена луксузна вила во Лорет де Мар, крајбрежен каталонски град во близина на Барселона, за време на католички Велигден, наведува „Телечинко“.

Полицијата ја алармирал неговиот син, кој од Франција безуспешно се обидувал да стапи во контакт со семејството.

Против нив не се изречени санкции

Каталонската полиција во вторникот потврди дека истражува три смртни случаи, не наведувајќи имиња. И овде останува теоријата дека Потосења го убил своето семејство пред да си го одземе животот.

Потосења не оставил порака, а на неговото тело нема траги од крв, јави „Ел пунта вуи“, не наведувајќи извор. Неговото богатство изнесува 4,3 милиони долари, наведува „Телечинко“.

За ниеден од овие руски бизнисмени не се изречени санкции поради инвазијата од Русија врз Украина.