Во два дена починаа 16 луѓе од Ковид-19


 

Дури 16 пациенти заболени со Ковид-19 ја изгубија битката со заразата во два дена во Македонија, со што бројката на починати се искачи на 668.

Според статистиката на Министерството за здравство денеска, починаа седум пациенти на возраст од 44 до 80 години.

Поточно, двајца пациенти од Струга, на возраст од 78 и 80 години, еден пациент од Кочани на возраст од 77 години, од Струмица пациент на 44 годишна возраст, од Скопје пациент на 72 години, од Битола 79-годишен пациент и еден пациент од Гостивар на возраст од 79 години.

Вчера пак, регистрирани беа девет починати пациенти, меѓу кои имаше и млади луѓе на возраст од 23, 29 и 44 години.

Од Крива Паланка почина пациент на возраст од 52 години, двајца од Гостивар на возраст од 60 и 62 години, од Куманово пациент на возраст од 60 години, од Велес 70-годишен, двајца од Скопје 71 години и 23 години и двајца од Струмица на возраст од 29 и 44 години.

Дваесет и тригодишната пациентка од Скопје која почина на Инфективната клиника по компликации од Ковид-19 имала коморбидитети, опериран тумор на хипофиза и Морбус-Кушинг ендоринолошко заболување, соопштија од Министерството за здравство, а 29-годишната пациентка од Струмица починала на клиниката „Жан Митрев“, а во извештајот на Институт за јавно здравје стои дека имала заболување на тироидната жлезда.

Епидемиолозите, инфектолозите и министерот за здравство во многу наврати предупредуваа дека доцното јавување на лекар и првичното игнорирање на симптомите е една од причините за зголемениот морталитет – едноставно кажано, оние што се посериозно зафатени од болеста доаѓаат во болница кога за многумина е веќе предоцна. Очигледно, здравствените власти треба да започнат уште една кампања за да влијаат врз граѓаните за побрзо јавување на заболените кај матичните лекари и во болниците.