Во два дена од Ковид-19 починаа двајца браќа од Кавадарци


Фото: Б. Грданоски

Двајца браќа од Кавадарци на возраст од 26 и 21 година за два дена починаа од Ковид-19.

Ова е тажен ден за нашето Кавадарци. За жал, денес изгубивме уште еден млад човек кој не успеа да се избори со оваа страшна пандемија. Пред два дена го изгубивме Марјан Ѓерѓев на 26-годишна возраст, денес почина и неговиот брат Горан Ѓерѓев на 21-годишна возраст. Трагедијата е огромна и нема зборови кои можат да дадат утеха на семејството Ѓерѓеви во овие моменти. Заедно со Советот на Општина Кавадарци изразуваме длабоко сочувство до таткото на починатите братчиња и нивниот брат и поширокото семејство. Пандемијата однесе два човечки животи на двајца браќа во период од три дена, немоќни сме да се бориме и да дадеме утеха. Уште еднаш изразуваме длабоко сочувство и стоиме на располагање за помош на семејството кое е погодено од огромна трагедија. Да се чуваме сите и што поскоро да ги поминеме овие тешки денови“, напиша градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Постариот брат, Марјан, бил донесен во тешка состојба во кавадаречката болница на 25-ти октомври, по што бил стабилизиран и по само еден час бил препратен на клиника во Скопје, каде починал.

Помладиот брат, Горан, бил хоспитализиран на ковид одделот наредниот ден, бил во стабилна состојба, по што по околу 24 часа нагло му се влошила состојбата. И тој бил итно транспортиран на клиника во Скопје, каде почина.

Инаку, браќата имале апластична анемија, па се сметале за многу ризични. Тие живееле со својот постар брат и со таткото, додека мајката била почината млада.