Во Дубаи денеска започнува Климатскиот самит КОП28


Делегати од речиси 200 земји денеска се собираат во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), на отворањето на самитот на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени  позната како KOП28.

Намалувањето на штетните емисии во атмосферата, постепеното укинување на употребата на фосилни горива, обезбедувањето средства од богатите до сиромашните земји за тоа и да се надомести штетата од климатските промени ќе бидат меѓу водечките теми за кои ќе се разговара.

Годишната конференција, која ќе трае до 12 декември, се случува додека светот е на пат да постави нов рекорд за највисоки регистрирани температури во 2023 година.

Во 2015 година во Париз,  на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени 198 земји се обврзаа да го ограничат, доколку е можно, порастот на глобалните температури на 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриската ера. Сепак, сегашните обврски го поставуваат светот за 2,8 степени Целзиусови потопла клима до 2100 година.

Меѓу клучните одлуки што треба да се донесат во Дубаи ќе биде дали за првпат да се даде согласност за постепено укинување на глобалната потрошувачка на фосилни горива и да се заменат со извори на енергија како што се сончевата енергија, ветерот и други, имајќи предвид дека гасовите со ефект на стаклена градина што се ослободуваат од согорувањето фосилните горива се главната причина за климатските промени.

Овогодинешниот настан се очекува да привлече рекордни 70.000 луѓе, вклучувајќи повеќе деловни претставници на кој било самит на ОН за климата досега.