Во Дојран врие како во кошница – никој не ги почитува мерките


Во Дојран дошле 15.000 посетители, огромниот број од нив се шета во групи и без маски

 

Како ништо да не се случува во државава – тоа е однесувањето на луѓето кои од вчера попладне нагрнаа во Дојран за да го избегнат тридневниот карантин од Скопје, Штип и другите градови и да помислат дека пандемијата е некаде далеку од која тие избегале. Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, со доза на очајување во изјава за „Фокус“ вели дека во градот покрај езерото дошле 15.000 луѓе, што е невидено досега. Според него, луѓето се собираат насекаде во групи, не носат маски не се држи растојание. Во обезбедувањето на почитување на мерките била вклучена дури и Граничната полиција.

Локалното население се жали дека посетителите буквално го окупирале градот и размислуваат тие да се затворат дома затоа што гостите се шетаат слободно во групи и ги игнорираат мерките за заштита и слободно. Дојранци стравуваат дека доколку неколкумина од посетителите го донесат вирусот сите ќе ја платат сметката.

Апелите на градоначалникот Ангов, посетителите да бидат совесни и одговорни, како да не допира до нив. Тој најавува дека од утре ќе бидат вклучени и редарски екипи за да ги растеруваат групираните гости. Тој за „Фукос“ изјави дека сѐ уште нема точна информација колку луѓе досега биле казнети. Дојранци се во страв што ќе покажат наредните  14 дена по инвазијата на посетителите и дали корона вирусот ќе биде пренесен во нивната заедница.