Во ДИК збунети и изгубени


Во ДИК не се сигурни дали имале или немале проблем со апликацијата која покажуваше чудни резултати на денот на изборите и повлече лавина од реагирања.

-Интернет страницата на Државната изборна комисија беше мета на DDoS напад на изборната вечер, односно сообраќајот беше задушен за граѓаните да не може да ја отворат страницата на која се објавуваат изборните резултати, но немаше упад во нашиот систем, вели раководителот на Секторот за информатичка технологија во ДИК, Владо Васиљевски за Радио Слободна Европа.

Васиљевски уверува дека не е можна манипулација со изборните резултати, затоа што тие одат преку внатрешна мрежа од општинските изборни комисии до Државната изборна комисија. Народски кажано, ние податоците ги имавме, проблемот беше што јавноста на можеше да ги види на нашиот сајт, вели тој.

„Јас сум да ви кажам во години и не ми се први избори, ама прв пат ми се случува да имам проблем со апликацијата. Значи, не може да нè хакнат, да ни влезат, кога нашата интранет мрежа, што велиме ние план Б, функционира и внесува податоци. Ако имаме проблем на една страна, од другата страна тоа функционира, така што ние никогаш не сме останале без податоци и ДИК не останал без податоци и се надевам дека никогаш нема да остане. Тоа што се перцепира, не го гледаме на интернет, тоа не значи дека ние внатре не функционираме и не може да нè хакнат. Од внатре може да нè хакнат ако некој земе чекан да искрши некоја машина, нема друг начин“, вели Васиљевски за Радио Слободна Европа.

Тој посочува дека токму затоа, вечерта на изборите пуштија резултатите да излегуваат на два големи телевизори во ДИК и на јутуб стрим за и јавноста да може да ги види.

„Во прво време не бевме сигурни дали имаме некаков напад или имаме проблем со апликација. Кога заврши нападот, нашето загушување, заклучивме дека имаме некаков проблем со апликацијата, што беше изразено за нас, иако тоа се негира од страна на изведувачот на апликацијата, за сабајлево да се утврди дека пак има нешто на сајтот, а на прашањето дали правеле нешто, ми одговорија не, а ние имаме доказ дека во 7:28 утринава аплоудирале некоја нова верзија, и сега не знам што да ви кажам“, вели Васиљевски.