Во Детроит починатите од корона ги сместуваат и во собите за одмор на лекарите


Вработените во болницата Синај грејс во Детроит не успеваат починатите од корона вирусот достојно да ги сместат во соодветни простории, па нивните тела ги оставаат во бели вреќи наредени едни над други во гаражата, во ладилник на болничкиот паркинг, во просториите на лекарите, дури и во собите за одмор на лекарите и на медицинскиот персонал наменети за дежурства.

Фотографии од починати пациенти биле разменувани меѓу вработените во службите за итни случаи во болницата, а еден од нив ги испратил во Си-Ен-Ен, јави американската ТВ мрежа.

Вработени во болницата потврдија за американската телевизија дека фотографиите ги прикажуваат нивните пребукирани 12-часовни смени на почетокот на април.

На други фотографии кои стигнале до Си-Ен-Ен, е прикажана внатрешноста на ладилник на болничкиот паркинг, во кој телата на починатите се наредени едни врз други.

Како што рекле за Си-Ен-Ен вработените во болницата, некои од просториите во болницата кои не биле наменети за пациенти биле користени да ги сместат починатите, дури и во просторија што во нормални услови се користела за испитување на спиењето.

Вработените, кои барале да останат анонимни поради страв од губење на работното место, изјавија за Си-Ен-Ен дека просториите на болницата се користат за оваа намена затоа што мртовечниците не работат ноќе, но и поради тоа што мртовечниците во Детроит се полни, пренесе Танјуг.

„Сè што знам е дека останавме без кревети за пациенти, така што не можевме да оставиме ниту еден од тие кревети за починатите“, рече еден од вработените во службата за итни случаи.

Инаку, во САД бројот на загинати од вирусот корона надмина 23.000, а официјалните лица соопштија дека епидемијата во текот на оваа недела може да го достигне врвот.

Во САД има регистрано повеќе смртни случаи од Ковид -19 од која било друга земја, пишува Ројтерс.

Речиси 570.000 лица се заразени со корона вирусот, а најмногу смртни случаи, повеќе од 10.000, има во сојузната држава Њујорк и во самиот град Њујорк.