Во Дебреште гости од Скопје го пренеле вирусот додека ги чекале резултатите


Во Дебреште има семеен кластер од тројца позитивни, а се чекаат резултати од уште четворица тестирани од истото семејство

Во некои од руралните прилепски општини постои голем отпор на жителите за тестирање, па во неколку случаи асистирала и полицијата

 

Битола – Прилеп и околните општини бројат 232 заразени со корона вирус од кои активни се 20 случаи, кажуваат последните потврдени информации од Министерството за здравство. Најголем дел од потврдените случаи се од Прилеп, а само по неколку од околните рурални општини и Крушево. Од Центарот за јавно здравје во Прилеп велат дека новите случаи дијагностицирани во Прилеп во последниот период се асимптоматски.

„Има случаи последните денови што се покажаа како асимптоматски, а тие немаат симптоми и не бараат лекарска помош. Тројца пациенти се тестирани во Скопје на клиники каде отишле заради други состојби. Сите три случаи се од градот и се независни еден од друг, без никакви симптоми. Се претпоставува дека од последно регистрираните во државата дури 80 проценти се без симптоми. Дете со траума испратено во Скопје на Неврохирургија по тестирање на клиниката се покажало позитивно. Исто и дете испратено на Детска клиника откако го тестирале имало позитивен тест,  како и жена која била на клиники во Скопје“, изјави за „Независен“ епидемиологот од Центарот за јавно здравје во Прилеп, Татјана Станимировиќ.

Пред 24 мај во околните прилепски општини имаше потврдени 16 случаи на корона вирус, Кривогаштани, Долнени, Крушево (сега 5), Пласница (2), а после овој датум, по празниците Духовден и Бајрам потврдени се 11 нови случаи.

Во Дебреште има семеен кластер од тројца позитивни, а се чекаат резултати од уште четворица тестирани од истото семејство. Семејството за време на празниците имало гости од Скопје. Еден од гостите за време на престојот во селото добил потврда дека е позитивен. Во Црнилиште, исто така, има семеен кластер со една жртва, но семејството одбивало да контактира со здравствените власти. Во Општина Пласница по потврдата за позитивен случај се следат сите контакти.

Од полициски извори дознаваме дека здравствените власти во некои прилепски села се соочуваат со отпор од месното население, кое одбивало контакти со лекарите и не сакало да се тестира, ниту пак да ги потпишат решенија за самоизолација, па полицијата асистирала во неколку наврати.

Епидемиологот Станимировиќ вели дека во руралните општини е поделена сликата за тоа како месното население ја прифаќа состојбата со корона вирусот и соработката со епидемиолозите.

„Имаме средини каде наидуваме на прием, немаме никаков проблем да воспоставиме контакт, а има и такви каде не можеме да кажеме дека имаме соработка. Во дел од овие средини владее срам и стигма за ситуацијата, доколку се потврди позитивен случај. Во Прилеп немаме проблем воопшто за оваа ситуација, но во последно време е намален бројот  на лица кои се тестираат преку ‘Мој термин’, што значи, намален е бројот на симптоматски случаи“, вели Станимировиќ.  (А.Б.)