Во Дебар се затвораат сите институции и економски субјекти освен продавниците, аптеките, болниците…


Во Дебар и Центар Жупа се затвораат сите институции и економски субјекти освен продавници и производствени капацитети за храна, бензински пумпи, аптеки, болници. Банките, комуналните служби и пошта да работат по скратено работно време.

Ова е еден од заклучоците на состанокот на Главниот штаб на Центарот за управување со кризи во врска со кризната состојба во општините Дебар и Центар Жупа со цел справување на ширењето на корона вирусот.

На состанокот бил донесен и заклучок со кој се забранува излегување на населението од кризното подрачје, освен во случај на животозагрозувачка состојба со возило на Итна медицинска помош и потврда од овластено лице од Министерство за здравство, а лицата од Дебар и Центар Жупа затекнати надвор од кризното подрачје можат да се вратат во своите домови.

Седницата, како што информираат од Центарот за управување со кризи, ја водел директорот на ЦУК Агрон Буџаку, а покрај членовите на Главниот штаб присуствувале претставникот од Министерството за труд и социјална политика Дејан Ивковски, претставникот на МЖ Транспорт Саша Јовановски, директорот на ДСЗ и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека достава на прехранбени производи, медикаменти и останати потребни стоки на подрачјето каде што е прогласена кризна состојба (општините Дебар и Центар Жупа) ќе се врши единствено во периодот од 08,00 до 14,00 часот.

„Заради продолжување со работа на индустрискиот капацитет ‘Кнауф Радика’ – Дебар овозможен е безбеден проток на возилата со кои се врши транспорт на ресурси и стока во подрачјето каде што е прогласена кризна состојба“, се вели во соопштението.

Од таму објаснуваат дека возилата со кои се врши дотур на стока и возилата на компанијата Кнауф се упатуваат кон безбедносниот пункт во правец на ХЕЦ Шпиље и ХЕЦ Глобочица или безбедносниот пункт преку Бошков Мост, од каде само со полициска придружба се упатува кон територијата на кризното подрачје.

Истоварот на стоката ќе го вршат исклучиво лица кои што се веќе во подрачјето каде е прогласена кризна состојба, а на возачот на возилото или негов сопатник нема да му биде дозволено напуштање на возилото.

По истоварот на стоката, возилото исто така со полициска придружба се враќа кон еден од безбедносните пунктови, каде по извршената дезинфекција му се дозволува слободно движење надвор од територијата на која е прогласена кризна состојба.

„Во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните, сите граѓани задолжително да се придружуваат кон овие насоки за постапување, соопштија од МВР.