Во Дебар се продавала акцизна стока без дозвола и прехранбени производи со изминат рок


Дебар, 4 март 2022 (МИА) – Надлежни служби при контрола на трговски објекти во Дебар откриле продажба на акцизна стока без соодветна дозвола, но и со изминат рок за употреба.

-Во текот на вчерашниот ден во Дебар, полициски службеници, инспектори од Државниот пазарен инспекторат и царински службеници, извршија контрола во трговски објекти, со цел пронаоѓање на акцизна стока и други производи за кои постојат сознанија дека се во продажба спротивно на одредбите од Законот за трговија, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи Охрид.

Додаде дека се пронајдени алкохолни пијалаци без соодветна документација за потеклото и составот, како и прехранбени производи со изминат рок на важност.

Според него, против правните и одговорните лица, врз основа на Законот за трговија, ќе бидат поднесени соодветни пријави.