Во Дебар и Центар Жупа сменети локациите на седум избирачки места


Фото: Б. Грданоски

Во Општините Дебар и Центар Жупа седум избирачки места не ги задоволувале здравствените протоколи и затоа Државната изборна комисија пронајде други локации кои ги задоволуваат протоколите. Тоа, како што велат првите луѓе на општинските изборни комисии, e со цел гласачите безбедно да го остварат своето право на глас на изборите на 15 јули.

-Станува збор за две избирачки места кои до сега беа во Центарот за култура и едно во Општата болница кои сега се преместени во деветолетката „Пенестија“ (поранешно Братство – единство), како и избирачкото место кое претходно беше во просториите на дисперзираните студии на Државниот универзитет од Тетово, кое сега е преместено во деловен објект во непосредна близина, вели Елмира Бакали претседателка на ОИК-Дебар.

Според неа, во оваа општина ќе се гласа на 27 избирачки места.

-Во општина Центар Жупа локациите се сменети за три избирачки места и тоа избирачкото место во село Горенци, кое беше во подрачното училиште, сега е преместено во приватен деловен објект, избирачко место во село Житинани кое беше во стар селски објект сега е во приватен деловен објект и избрачкото место од село Мал Папрадник кое до сега беше во гимназијата „АТА“ е преместено во деветолетката „Мустафа Ќемал Ататурк“, изјави Еран Зубер претседател на ОИК Центар Жупа.

Во оваа општина ќе се гласа на 16 избирачки места.

Двајцата додаваат дека бројот на гласачите ќе се знае со пристигнување на избирачкиот список во доверливиот материјал.