Во Црниче нема да се градат габаритни згради – Ѓорѓиевски ја поништи одлуката


 

Стопирана е иницијативата за измена на ДУП реон Ј, градска четврт Ј20, блок Ј20.03, со која во времето на претходниот градоначалник на општина Кисела Вода, се предвидуваше изградба на 12 згради, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

– Ја стопиравме иницијативата за измена на ДУП реон Ј, градска четврт Ј20, блок Ј20.03, со која во времето на мојот претходник, се предвидуваше изградба на 12 згради! Како што ветив и ги исполнив своите ветувања за Расадник, како што ја донесовме и целосно ја спроведуваме одлуката за забрана за изградба на станбени објекти со повеќе од четири станбени единици во Пржино и Црниче, од денес е во сила и оваа одлука и наместо гигантски зданија, на посочената локација во Црниче, на сопственикот ќе му биде дозволена само реконструкција на објектот, старата печатница и тоа во постоечкиот габарит, кажа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Воедно, сакам да инфомирам дека скалите кои со измената на ДУП-от требаше да бидат отстранети, ќе останат и ќе бидат надополнети со пропратна урбана опрема, онака како што бараа нашите жители.

Одговорно тврдам дека нови одобренија за изградба на згради во Пржино и Црниче нема да има, како што е зацртано во мојата одлука, која што е поддржана и од страна на Советот на општината, а и од сите жители од овој дел на градот.

Во Пржино и Црниче ќе можат да се градат само куќи, кои што можат да имаат максимум четири станбени единици“, вели Ѓорѓиевски.