Во црната статистика Словенија и БиХ ја надминаа Македонија во бројот на смртни случаи на еден милион жители


Словенија сега има најголема стапка на смртност на еден милион жители во регионов

Бројката на починати од Ковид-19 во светот стигна до 1,73 милиони луѓе од вкупно заболените 79 милиони, покажува последната статистика на „Ворлдметер“. Стапката на смртност во сите земји падна под 10 отсто, па дури и многу повеќе, а тоа е најмногу поради тоа што бројката на заболени е како на брза писта. Во исто време лекарите научија како подобро да се справуваат со болеста и да ги откриваат најефикасните начини за лечење, што не беше случајот на почетокот на пандемијата.

Така, во Македонија, со последните 14 починати, стапката на смртност сега изнесува 2,95 проценти, додека пред само три-четири месеци таа беше на нивото од 6 отсто.

Бројот на починати веќе неколку недели е на многу високо ниво во целиот регион, особено во Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Со новите високи бројки на смртни случаи Словенија и БиХ се појавија на листата на црната статистика пред Македонија. Така, со денешните податоци, во Македонија има 1.130 починати на еден милион жители, додека во Словенија има 1.180, а во БиХ 1.173.

Но бројките и натаму се многу загрижувачки затоа што Македонија и натаму е во првите десет земји по смртноста. Во Европа убедливо најголема смртност на милион жители има џуџестата држава Сан Марино – 1.649, а по неа е Белгија со 1.621. Без денешните подоатоци заради разликата во времето, САД веќе ја надминаа бројката од илјада – таа сега изнесува 1.003, а зголемениот број на новозаразени (особено од новиот вид) ја искачи стапката во Велика Британија на 1.015. Црна Гора е на бројката од 1.014, Бугарија без денешните податоци – 994; Хрватска 829, Шпанија 1.063. Во регионов најниската стапка на смртност е во Србија – 325, но таму со месеци има сомневање дали вистински се забележани сите што починале од корона вирусот.

Сите овие бројки покажуваат дека сите нѐ чекаат долги мрачни месеци, во кои опуштањето од само неколку дена може на уште полошо да се промени целата стабилизирана ситуација во Македонија. А сите со нетрпение ги очекуваат ефектите од првите вакцинации. (Н.В.)