Во Црна Гора уапсен специјалниот обвинител
По наредба на црногорското Специјално обвинителство, утрово во Подгорица беше уапсен специјалниот државен обвинител Саша Чаѓеновиќ.
Во краткото соопштение од Специјалното обвинителство се вели дека Чаѓеновиќ е осомничен за „сторено кривично дело создавање злосторничка организација и повеќе кривични дела на злоупотреба на службената положба“.
Како што соопшти портпаролот на државното обвинителство Вукас Радоњиќ, тој е уапсен поради сомнение дека во периодот од средината на 2020 до 2022 година сторил кривично дело создавање злосторничка организација и други кривични дела злоупотреба на официјална позиција.
Во соопштението не се прецизира за кои конкретни активности е обвинет Чаѓеновиќ.
Специјалниот обвинител Саша Чаѓеновиќ на црногорската јавност ѝ е познат по судењето за обидот за државен удар во 2017 година во Вишиот суд во Подгорица, кога меѓу обвинетите имаше руски и српски државјани и лидерите на прорускиот Демократски фронт Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ.
Обвинението го поднесе Чаѓеновиќ заедно со тогашниот главен специјален обвинител Миливој Катниќ. Во 2019 година, Вишиот суд првостепено ги осуди обвинетите, но Апелацискиот суд подоцна ја укина таа пресуда и го врати судењето на почеток.