Раскош и чипка: Џенифер Гејтс сподели фотографии од свадбата со џокејот Нејел Насар


САД– Џенифер Гејтс (25) , ќерката на еден од најбогатите луѓе во светот, ко-основачот на „Мајкрософт“ и филантроп, Бил Гејтс-  викендов се омажи со египетскиот џокеј Нејел Насар на нејзиниот ранч во Норт Салем вреден 16 милиони долари долари и специјално прилагоден за свадбата. Татко ѝ го купил имотот од 15,82 милиони долари за Џенифер во 2018 година, кратко време откако дипломирала на престижниот универзитет Стенфорд.

Два дена по саботната церемонија во округот Вестчестер, Њујорк, Џенифер сподели романтични фотографии веднаш откако кажа „да“.

На една од фотографиите Џенифер ја покажува венчаницата од висока мода на американската дизајнерка Вера Ванг во боја на слонова коска со долги ракави од француска чипка. Дверушите биле облечени во тоалети во темно зелена боја.

Свадбениот викенд официјално започна во петокот со исламска брачна церемонија, на која присуствувало потесното семејство на Џенифер и Насар, изјави новата невеста за „Вог“.

Следниот ден, двојката славеше со роднините и пријателите-сите биле целосно вакцинирани и тестирани негативно за Ковид-19 пред гала- церемонијата, која наводно чинела 2 милиони долари. 

Покрај родителите на 25-годишната Џенифер-Бил (65) и Мелинда Гејтс (57), меѓу присутните биле и братот Рори (22) и сестрата Фиби (19). Свадбата се случи само неколку месеци откако Бил и Мелинда објавија дека се разделуваат по 27 години брак. Нивниот развод беше финализиран на почетокот на август.

„Се чувствуваме неверојатно среќно што можеме безбедно да се собереме со нашите сакани“, изјави Џенифер за „Вог“. „Знаеме дека другите немаат толку среќа, особено затоа што пандемијата продолжува да ги уништува заедниците во Соединетите држави и во целиот свет“.