Во четврток ќе се одлучува за продолжување на вонредната состојба до 16 мај


Фото: Б. Грданоски

Во земјата се зголемува бројот на заболени со коронавирусот, но вчера исто така беше регистриран и поголем број оздравени лица – 42. Од почетокот на епидемијата во Македонија регистрирани се 908 дијагностицирани со Ковид-19 и 44 починати. Позитивни на тестовите за коронавирусот вчера биле нови 54 лица, од кои најголем број односно 25 во Куманово. Општинскиот кризен штаб од овој град побара Владата да донесе одлука за карантин со посебни мерки.

Владата на седница реши да му достави предлог на претседателот Стево Пендаровски во кој се оценува дека за успешно справување со коронавирусот потребна е вонредна состојба во државата. Пендаровски во изјава за медиумите најави можно продолжување на вонредната состојбата поради Ковид-19 за уште 30 дена на седницата на Советот за безбедност в четврток.

– Владата на денешната 41. седница донесе заклучок да достави предлог до Претседателот со извештај за досега преземените активности од државните институции, со кој се аргументира дека за успешно справување со коронавирусот во државата е потребна вонредна состојба, се наведува во соопштението од владината седница.

Шефот на државата Пендаровски смета дека ќе се прогласат нови 30 денови вонредна состојба, со оглед на состојбите до вчера. Сепак одлуката ќе се донесе во четврток на состанок на Советот за безбедност кога изминуваат првите 30 денови од прогласувањето на вонредната состојба.

– Шансите се извесни и големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба бидејќи внатрешните состојби кои не ескалираат, но не се значително редуцирани се уште побаруваат ваков тип ангажман од сите надлежни институции и ваков тип на состојба. Првпат вонредна состојба прогласивме во 30 години независна држава меѓутоа првпат и во светот се случуваат некои работи поврзани со пандемија на вирусот. Така, ако денес ги имам тие информации што се од надлежните институции, ако денес ме прашувате за одлука таа ќе биде во насока да се прогласат нови 30 денови, истакна претседателот Пендаровски од Тетово.

Во рамките на Министерството за здравство согласно уредбата на Владата завршена е постапката за набавка на респираторни машини.

Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција информираше дека од девет економски оператори, два ги задоволувале условите во однос на рокот и критериумите. Еден дел од респираторните машини ќе стигнат во следните седум дена, а другите, од вкупно 31, во текот на следните 30 дена.

– Со ова, значајно ќе го дополниме капацитетот на респираторни машини во земјава, пред сѐ во институциите кои се предвидени за лекување на овие пациенти со КОВИД-19 вирусот, рече Филипче.

Меѓу регистрираните новозаболени од Ковид-19 е и лаборант од Универзитетската клиника за Детски болести од Скопје. Филипче рече дека на заболениот лаборант му е земена епидемиолошка анкета, како и од дел од колегите со кои бил во непосреден контакт.

– Утре ќе се земат и втор дел од анкетите. Тие најверојатно ќе упатат од каде се заразил лаборантот, информираат од Минстерство за здравство.

Тој исто така нагласи дека лаборантот и другите вработени од Клиниката користеле целосна заштитна опрема според протоколот, но оти и покрај тоа на четворица вработени, негови колеги им е препорачана изолација.

– Случајот е изолиран, епидемиолозите прават анализа. На четворица од единаесет вработени им е препорачана изолација. За време на работата за време на извршување на работните задачи користена е целосна заштитна опрема според протоколот, рече Филипче.

За информациите дека лаборантот е можеби заразен од дете кое починало во болницата, Министерството за здравство подооцна соопшти дека седумгодишното дете немало коронавирус. Нему му биле земени два бриса за тестирање за коронавирус, кога било хоспитализирано и кога починало.

– Двата теста биле негативни на Ковид-19. Детето немало пневмонија, ниту симптоми за коронавирус, соопшти Министерството за здравство.

Вкупниот број на заболени регистрирани здравствени работници до вчера изнесуваше 122. Седуммина се веќе оздравени и вратени назад на своите работни места.

Во Дебар и околината ќе се прави скрининг на пациентите со антитела, за што веќе е направен целосен распоред за активност преку матичните лекари во Дебар и околината на Дебар.